Вебинарот е наменет за сите наставници, стручни соработници и раководен кадар од основни училишта, кои се заинтересирани да се запознаат со развој на критичката мисла и техники за распознавање на визуелните дезинформации што се шират во онлајн просторот и преку социјалните мрежи. Во рамки на предавањето ќе бидат опфатени техниките и алатките за проверка на манипулативни фотографии и видеа што им се пласираат на читателите и гледачите како шокантна вистина. Со оглед на податокот дека дезинформациите се шират шест пати побрзо од реалните вести, и нанесуваат штета како на општествено, така и на индивидуално ниво, пораката од овој вебинар е дека едукацијата и медиумското описменување се некои од ефикасните начини за спречување на штетното влијание.
За предавачите:
Тоше Огњанов е новинар, обучувач и едукатор за мултимедијални содржини. Огњанов специјализирал „Онлајн новинарство“ на Универзитетот во Аризона, САД. Зад себе има дваесетгодишно професионално работно искуство во печатени и во дигитални медиуми, како новинар, уредник и продуцент на мултимедијални новинарски содржини. Во последните пет години е редовен соработник на Гласот на Америка, редакцијата на македонски јазик.
Тој е обучувач за медиумска писменост во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост “Младите размислуваат” што го спроведуваа ИРЕКС и локалните партнери МИМ, ИКС и МОФ во соработка со БРО и МОН.