Вебинарот е наменет за сите наставници, стручни соработници и раководен кадар од основни училишта, кои се заинтересирани да се запознаат со клучните концепти и типологии за новите медиуми и за социјалните мрежи, кои комуникациски функции тие ги преземаат, кои се нивните специфики и во кои сфери на општеството тие го остваруваат своето влијание. Во сесијата ќе бидат вклучени истражувачки наоди, содржини и примери за тоа како новите медиуми и социјалните мрежи влијаат врз општеството особено во делот на меѓусебната и јавната комуникација, социјализацијата, градењето на личните идентитети и во едукацијата. Во фокусот на сесијата ќе бидат препораки и примери за тоа како да се заштитат младите и останатите корисници од негативните влијанија на новите технологии, како критички да ги користат и како да се оптимизираат нивните позитивните страни и погодности. Клучни цели на сесијата се продлабочување на знаењата за влијанијата на новите медиуми и начините како да се постигне поширока општествена добредетелност при нивното користење.
За предавачите:
Сеад Џигал е доктор по политички науки и е универзитетски професор на Меѓународниот балкански универзитет (МБУ) во Скопје при Факултетот за комуникации. Toj e активен во сферата на културата и издаваштвото и е член на редакцијата на списанието „Културен живот“. Во областа на медиумите и на комуникациите работел на истражувачки и образовни проекти од областите на медиумската писменост, мониторинг на работата на јавниот радиодифузен сервис и на медиумските регулаторни тела, отворени образовни ресурси, онлајн екстремизам, говор на омраза, медиумска етика, саморегулација во медиумите, и други.
Тој е обучувач за медиумска писменост во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост “Младите размислуваат” што го спроведуваа ИРЕКС и локалните партнери МИМ, ИКС и МОФ во соработка со БРО и МОН.