Вебинарот е наменет за сите наставници, стручни соработници и раководен кадар од основни и средни училишта, кои се заинтересирани за да научат повеќе за образование на деца бегалци, мигранти, без државјанство и баратели на азил. Учесниците ќе имаат можност да се стекнат со дополнителни знаења и да научат одредени стратегии со чија примена ќе може да им помогнат на овие деца да се вклучат во редовниот образовен процес, полесно да се адаптираат на средината и да го остварат својот образовен потенцијал и правото на квалитетно инклузивно образование.
За предавачите:
Марија Делетиќ е специјален едукатор и рехабилитатор. Во моментот ја извршува функцијата директор на ОУРЦ „д-р Златан Сремец“ од Скопје. Покрај искуството како наставник-специјален едукатор во посебно училиште за ученици со интелектуална попреченост и аутизам, Делетиќ поседува и долгогодишно искуство како обучувач во формалното и неформалното образование. Како соработник била вклучена во развивање наставни програми и креирање образовни политики. Во рамките на неформалното образование добитник е на повеќе меѓународни сертификати. Делетиќ учествувала во изготвување на програмски и системски документи од сферата на образованието како што се: стратегии, концепции, методологии, стандарди, критериуми, законски и подзаконски акти.
Билјана Стерјадовска Стојчевска е специјален едукатор и рехабилитатор – стручен соработник во Одделението за едукација и кординација при ОУРЦ „д-р Златан Сремец“ од Скопје, чија една од основните задачи е обука и менторирање на образовните асистенти и едукација на кадарот во ООУ. Таа има долгогодишно искуство во работа со деца, млади и возрасни со попреченост во рамките на образовниот систем и системот на социјална заштита. Активно беше вклучена во процесот на трансформација на социјалните установи за лица со попреченост и процесот на деинституционализација.Покрај формалното образование, таа е обучен Монтесори педагог и тренер и работи со деца на предучилишна возраст во рамките на системот на неформално образование.